
Посебна чест и задоволство ни е што најголем дел од корисниците на центарот за лица со посебни потреби Порака од Неготино се матични пациенти во нашата примарна здравствена установа ПЗУ Галмедикус – Неготино. Секојдневно сме во комуникација со асистентите односно вработените во таа институција.
До сега нашата комуникација е на високо ниво, а така треба да биде и со другите центри како што е Порака. Секој од вработените има број од докторите и сестрите кои сме вработени во Галмедикус и сме достапни за овие пациенти во секое време.
Знаеме дека корисниците се лица со попреченост, лесна или тешка, па затоа за секој корисник прво се слушаме телефонски, даваме упатства и договараме термин за преглед се со цел истите да не чекаат подолго време во чекална, односно имаат предност во нашата установа. Тоа така треба да биде во секое ниво од медицинската здравствена заштита од примарно ниво до терциерно ниво.
Поголем дел од пациентите не соработуваат за време на преглед, не знаат да кажат точна анамнеза, а ние како медицински лица се со цел правилно и исцрпно да постапиме бараме начини.
Интересен случај имав јас како доктор со пациентката Илире. Истата имаше страв од доаѓање на доктор и немаше никаква соработка. Испушташе крици, вознемирена,агитирана, исплашена. И се приближив на најтопол начин со контакт на моите раце на нејзините раце, ја гушкав, и разговарав. Се смири, ме запомна, нејзиното доаѓање на преглед кај мене како доктор потоа беше многу полесно. Таа се смееше, соработуваше, не беше исплашена, со брзи чекори влегуваше во ординација. Асистентите од Порака беа изненадени од промената на Илире и нејзиниот изгубен страв. Тоа за мене како доктор беше големо достигнување и ме направи среќна бидејќи тие лица се многу исплашени, треба да ја почувствуваат нашата љубов за да можат да го издржат прегледот кој за нас е многу важен. Првото влегување на Илире беше со страв и бегање, сега Илире влегува со насмевка, да ме гушне и да ми упати бакнеж.
Секој од овие корисници треба да има предност во сите здравствени установи. Овие корисници потребно е да бидат обележани во мој термин со некаков знак за да им даде до сознание на медицинскиот персонал дека станува збор за лице со попреченост и истото да има предност.
Сите знаеме дека секундарното а посебно терциерното здравство не се баш достапни за граѓаните во нашата земја откако се воведи мој термин, бидејќи пациентите чекаат со месеци одреден термин кај доктор на клиника. Ова го зборувам од секојдневното работно мое искуство. Со напредната ни технологија, т.н телемедицина, потребно е за овие пациенти/корисници да се олесни комуникацијата и истите да имаат побрз и безбеден пристап до прегледи во секундарното и терциерното здравство. Градот Неготино е мал град, сите се знаеме еден со еден. Кога имам корисник на преглед а имам потреба од некој специјалист, телефонски комуницираме,договараме за пациентот да има предност да не чека. Но тоа не се случува надвор од градот, затоа потребно е да се најде соодветно решение за овие корисници.
Исто така, овие пациенти имаат право на достапност во одредената здравствена установа, во смисла: секоја ординација да има инвалидска количка за транспорт од возилото-ординација, да не бидат ординациите на висок кат со скали каде што пациентите неможат да се качат. Во нашата поликлиника има лифт, побезбедно пренесување до натамошните спратови каде други доктори/специјалисти обавуваат медицински прегледи.
Потребни се обуки како на медицинските лица така и за целокупното население за лицата со попреченост бидејќи и тие се како останатите граѓани, потребно е да ги имаат истите права кои граѓаните ги уживаат, дури поголеми.
Ние како здравствени работници треба да имаме разбирање,трпение и да бидеме достапни во секое време за овие пациенти.
Нашата соработка со центарот за лица со посебни потреби Порака до сега функционира беспрекорно, а таа соработка ќе продолжи и во иднина. Тимот на ПЗУ Галмедикус во секое време е достапен за овие пациенти и вработените.
Во прилог би ви покажала слика со корисниците – Илире, каде што можете да ја забележите нејзината насмевка и среќа. Верувајте, ова не беше Илире кога првпат дојде во поликлиниката.
Се надевам дека надлежните институции ќе ги примат нашите искуства од секојдневното работење, идеи и ќе се пристапи кон поткренување на свеста и промени во секое ниво на здравствената заштита.