/ /

Д-р Розјана Николова Јанева – матичен гинеколог

Работам како матичен гинеколог повеќе од една деценија и се грижам за гениталното здравје на околу 5000 жени. Од самиот почеток на мојата гинеколошка практика во  работата како матични пациенти рамноправно со другите се вклучени лица со ментален и телесен хендикеп како што се корисничките на дневниот центар ПОРАКА.

Работата со овие лица претставува предизвик и голема одговорност затоа што тие имаат потешкотии во комуникацијата, ограничена способност за искажување на симптомите , а често имаат зголемена анксиозност или недоверба кон медицинскиот персонал.

Во отсуство  на искуство и адекватна обука  во пристап и  пружање на здравствена грижа на лица со попречености при иницијалните контакти со овие лица имав одреден степен на загриженост и сомнеж во успехот од  реализирањето на прегледот.

Со повеќегодишната работа  со лицата со попреченост и нивно  вклучување  во скрининг програмите и прегледите за унапредување на женското генитално здравје, а со голема помош и подршка на компетентните лица вработени во ПОРАКА, се стекнувавме со заедничка доверба  и создадовме индивидуализиран  пристап кон овие лица.

Процесот на моето лично и професионално едуцирање во пристапот и прегледот на лице со попреченост ми овозможи  стекнување на  одредени искуствени знаења како следните:

  • Прегледот на лице со попреченост бара сензитивност, адаптибилност и индивидуален пристап во зависност од физичките, когнитивни и емоционални состојби и потреби на пациентот
  • Воспоставување на комуникација во зависнот од когнитивните и комуникациски способности на пациентот ,користење на многу обичен лесно разбирлив говор а може и визуелни помагала
  • Прегледот да се одвива во присуство и со помош на лице-старател
  • Стрпливост и обезбедување на дополнително време за прегледот
  • Фокус на тоа пациентот да се чувствува сигурно и под контрола

При изведувањето на преглед кај лице со попреченост многу важно е да се почитуваат и етичките принципи:

  • Автономијата и достоинството на личноста
  • Да се избегнува траума или нанесување на штета на пациентот
  • Да се обезбеди правилна и квалитетна грижа независно од попреченоста
  • Да се промовира здравје и добросостојба преку адекватна превентивна грижа

ПРИМЕР:  На преглед донесена корисничка од дневниот центар ПОРАКА со умерено до тешка ментална ретардација и телесен инвалидитет на долен десен екстремитет на возраст од 38 години. Хетероанамнестички податоци од координаторот во ПОРАКА дека пациентката се жали на болки во долен дел на стомакот и неуредни менструални крварења. Индициран е комплетен гинеколошки преглед. Првата посета  не резултираше со реализирање на прегледот бидејќи наидов на неколку проблеми: прво ми беше тешко да направам комуникација со пациентката, не успеав да ја стекнам нејзината доверба, беше преплашена и одбиваше да седне на гинеколошкиот стол. Разговаравме со стручното лице од ПОРАКА и направивме план како да дејствуваме во насока да прегледот се направи достоинствено, без присила и  да не се наштети  на пациентката. Неколку пати пациентката беше  донесена само да разговараме, да се запознае со персоналот, амбиентот и апаратурата во ординацијата, реализиравме абдоминален преглед со абдоминален ултразвук и по неколку посети го реализирав гинеколошкиот преглед , поставив  дијагноза и ординирав адекватна терапија. Посетите и прегледите се извршуваа во постојано присуство и помош на лице од ПОРАКА кое има авторитативна, доверителна и емпатична релација со овие лица со попреченост но беше голем нивниот придонес и во менталната подготовка на корисничките за прифаќање и изведување на ваков тип на прегледи.  

ПРЕПОРАКА ЗА ИЗВЕДУВАЊЕ НА МЕДИЦИНСКИ ПРЕГЛЕД ПРЕГЛЕД КАЈ ЛИЦЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ:

  • Подготовка на пациентаката за преглед ( посебно гинеколошки)
  • Подготовката треба да почне од самотото место на живеење – сместување, а во истата треба да учествуваат самите старатели или лица кои работат со потенцијалната пациентка
  • Првиот пристап и прифат на пациентката
  • Ординациите треба да бидат пристапни и за лица – пациентки во инвалидски колички
  • Обезбедување на приоритет при закажување на термин и предност на прегледот  во однос на неитни пациенти присутни во чекалните на ординациите со цел намалување на нивото на стрес и анксиозност кај овие лица
  •  Првата средба препорачливо е да се искористи за запознавање на медицинскиот персонал – лекарот и ординацијата, односно опремата со која ќе се реализира прегледот. Искуството укажува на фактот дека бидејќи прегледот се однесува на регија од телото која предизвикува дискомфорт и непријатност и се изведува на посебен гинеколошки стол во литотомна положба не секогаш  може да се изведе кај овие лица при првите посети.
  • Клучно е да се приоритизира комуникацијата со овие лица, да се адаптира прегледот на потребите и можностите на пациентот вклучувајќи и алтернативни положби и помошни алатки, минимизирање на мануелни и инструментални постапки во прегледот,следење на вербалните и невербални сигнали и прекинување на прегледот во случај на дискомфорт или болка
  • Се препорачува за време на самиот преглед да биде присутен стрателот ( обично тоа е мајката, сестрата или некоја блиска роднина – ова е за гинеколошките клиники..) или за центрите и организациите кои работат со лица со попреченост да имаат своја претставничка која ќе биде како помошник во целата постапка и преглед.
  • Следење на состојбата и однесување на пациентката со попреченост после прегледот – односно во периодот после извршениот преглед
  • Директна комуникација со стрателот ( обично тоа е мајката, сестрата или некоја блиска роднина – ова е за гинеколошките клиники..) или за центрите и организациите кои работат со лица со попреченост за реакциите и состојбата на пациентот/ката

Оваа иницијатива на Порака Неготино од Неготино е одлична можност да се отворат вратите на нашите установи, да се сподели искуството се со цел адекватно прифаќање и третирање на овие лица, односно се поголем број на здравствени работници  да станат  ПРИСТАПНИ ДОКТОРИ.

Се надевам со овој апел ќе иницираме поголема отвореност и инклузивно општество за сите, посебно за лицата со попреченост, затоа што ЗДРАВЈЕТО Е ПРАВО НА СИТЕ.