
При запознавање со слепо лице претставете се по име и функција.
На пр: „Добар ден, јас сум Бети, медицинска сестра. Тука сум да ви помогнам.“.
Потоа понудете асистенција, така што нема да се наметнувате.
На пр: „Дали сакате да ве водам до ординацијата? Може да ме фатите за лакт.“.
Потоа следува опишување на околината и правците.
На пр: „Овде е рецепцијата, лево има скали, а десно е чекалната.“
При разговор секогаш зборувајте директно со лицето со попреченост, не со лицето што го придружува, затоа што е многу важно да се почитува нивната автономија и приватност, користете прецизен и едноставен јазик и избегнувајте многу визуелни описи.
Пред започнување на секој медицински преглед дадете објаснување.
На пр: „Ќе ви ставам стетоскоп на градите, може да почувствувате ладен допир.“, потоа опишете што правите чекор по чекор,на пример, при мерење на притисок:
„Ќе го ставам манжетот на левата рака, ќе напумпам, ќе почувствувате притисок.“
(Доколку е во прашање слепо лице и со моторна неподвижност треба да се избегнуват ненадејни допири и да се одржува вербален контакт. Бидејќи станува збор за лице со повеќе попречености потребен е хлистички пристап: емпатична и јасна комуникација, поддршка со почит кон достоинството и континуирано информирање во текот на третманот.)
Опишете детално какви лекови се даваат и кога.
На пр. „Оваа таблета ќе ја земете еднаш дневно, секое утро пред јадење.“ и при тоа разликувајте лекови по големина, форма или пакување – „Оваа таблета е мала и округла. Оваа е подолга и во зелено пакување.“ и ако е можно, користете тактилни или звучни ознаки.
Понудете читање на документите. – „Дали сакате јас да ви ги прочитам информациите пред да потпишете?“,потоа објаснете точно каде да се потпише ова лице.-„ во долниот десен агол, јас ќе ви ја поставам раката.“ Обезбедете документи во пристапни формати ако е можно.– Аудио, електронски или голем фонт.
Бидете смирени и зборувајте јасно, опишете што се случува околу нив и не оставајте слепо лице без информација или без најава.
„Ќе излезам на една минута и ќе се вратам веднаш.“
Потребна е обука на персоналот за комуникација со слепи лица, потребно е да се обезбеди пристапност во просторот: Брајови ознаки, аудио-системи, тактилни патеки, чекални и тоалети со адаптирани ознаки,како и користење контрастни бои и јасна сигнализација (некои лица имаат делумен вид), јасна вербална комуникација и почитување на личноста на слепото лице.